Diyar Güldoğan
22 Март 2024•Ажурирај: 25 Март 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Централната команда на Соединетите Американски Држави (ЦЕНТКОМ) вчера спроведе операција за доставување хуманитарна помош од воздух во северниот дел на Газа за цивилите погодени од израелската војна, пренесува Анадолу.
„Во заедничката операција беа вклучени два авиона на американските воздухопловни сили С-17 и војници на американската армија специјализирани за воздушна испорака на хуманитарна помош од САД“, истакна ЦЕНТКОМ преку Х.
Авионите C-17 фрлиле повеќе од 50.600 оброци во северниот дел на Газа.
„За време на мисијата, од доставените 80 пакети, падобраните на пет пакети со помош не се отворија откако беа пуштени од авионот“, истакнаа оттаму.
„Овие пет пакети паднаа во ненаселена област и не предизвикаа никаква штета. Централната команда на САД продолжува да ја следи ситуацијата“, се наведува во соопштението.
Се додава дека доставувањето помош од авиони на Министерството за одбрана (ДОД) е дел од тековните напори на Владата на САД и партнерската земја за ублажување на страдањето на луѓето.
„Ова доставување од воздух е дел од континуираните напори. Продолжуваме со планирањето на следните испораки од воздух.“
Израел спроведува смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври во кој загинаа речиси 1.200 Израелци.
Оттогаш во израелските напади врз Газа загинаа речиси 32.000 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 74.000 се повредени.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, а постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Со привремената пресуда во јануари му се нареди на Тел Авив да се погрижи неговите сили да не вршат акти на геноцид и да гарантираат дека ќе се обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.