Michael Gabriel Hernandez
07 Април 2022•Ажурирај: 08 Април 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Администрацијата на Бајден во конгресната преписка изјави дека потенцијалната продажба на борбени авиони Ф-16 на Турција ќе им служи на американските интереси и ќе го зајакне единството на НАТО, се вели во извештајот објавен вчера, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преписката до која дојде „Ројтерс“ (Reuters) се случи откако Турција во октомври побара од Вашингтон да ѝ продаде 40 Ф-16 и 80 сета за да ја модернизира својата постојна флота. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон крајот на март рече дека преговорите со САД напредуваат позитивно.
Соединетите Американски Држави (САД), под водство на поранешниот претседател Доналд Трамп ја санкционираа Турција во 2020 година, откако Анкара го купи напредниот руски систем за воздушна одбрана С-400 и ја отстрани Турција од заедничката програма за борбени авиони Ф-35.
САД тврдат дека С-400 може да се користи од Русија за тајно да добие податоци за Ф-35 и дека е нефункционален со системите на НАТО. Сепак, Анкара тврди дека С-400 нема да биде интегриран во системите на НАТО и рече дека не претставува ризик за Ф-35.
Наз Дуракоглу, највисоката функционерка на Стејт департментот за законодавни прашања, во писмо до конгресменот Френк Палоне ги призна тековните тензии околу дополнителната продажба на оружје за Турција, но остана на тоа дека санкциите и отстранувањето на Ф-35 претставуваат значајна цена, платена за стекнување на С-400.
„Администрацијата верува дека сепак постојат привлечни долгорочни интереси за единство и способност на НАТО, како и национална безбедност, економски и комерцијални интереси на САД кои се поддржани од соодветните американски одбранбени трговски врски со Турција“, му напиша Дуракоглу на Палоне, кој претседава со Комитетот за енергија и трговија на Претставничкиот дом.
„За предложената продажба ќе биде потребно известување од Конгресот доколку Стејт департментот го одобри. Ја потврдуваме нашата посветеност на воспоставените процедури за одобрување одбранбена трговија, вклучувајќи го и надзорот од Конгресот“, додаде таа, според копијата од писмото објавено на социјалните мрежи.
Дуракоглу понатаму укажа на активниот придонес на Турција во НАТО, како и на нејзината поддршка за „територијалниот интегритет и кооперативните одбранбени односи на Украина“, нарекувајќи ги „важно одвраќање за малигно влијание во регионот“.
Стејт департментот не ја потврди автентичноста на писмото на прашањето на Агенција Анадолија, но висок претставник на Стејт департментот рече дека САД „силно го ценат своето партнерство со својот сојузник во НАТО, Турција“.
„САД и Турција имаат долготрајни и длабоки билатерални одбранбени врски, а продолжувањето на интероперабилноста на Турција со НАТО останува приоритет“, рече претставникот, кој се осврна на ова прашање под услов да остане анонимен.