Alperen Aktaş
08 Јануари 2025•Ажурирај: 08 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – САД вчера воведоа санкции против Антал Роган, висок унгарски функционер, наведувајќи ја како причина неговата наводна вмешаност во системска корупција, јавува Анадолу.
Роган, истакнат член на Владата на премиерот Виктор Орбан и шеф на Кабинетот, е обвинет за оркестрирање шеми за злоупотреба на јавните ресурси за свое збогатување и на своите политички сојузници.
Според американското Министерство за финансии, Роган ја искористил својата официјална улога за да ги контролира клучните владини ентитети и сектори на унгарската економија, насочувајќи ги придобивките за лојалистите во владејачката партија Фидес.
Санкциите ги замрзнуваат сите средства со седиште во САД поврзани со Роган и им забрануваат на американските поединци или ентитети да вршат трансакции со него.
Одделот, исто така, предупреди дека финансиските институции или други субјекти ангажирани во зделки со Роган може да се соочат со казни.
Бредли Т. Смит, вршител на должноста заменик-секретар за финансии на САД за тероризам и финансиско разузнавање, ја опиша корупцијата како главна пречка за доброто владеење и економскиот напредок.
„САД нема да се двоумат да ги повикаат на одговорност поединците кои ја искористуваат јавната функција за лична корист на сметка на нивната земја“, рече тој.