Ekipa
02 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
ХЈУСТОН (АА) – Во Соединетите Американски Држави (САД) во текот на следните неколку дена се очекува големо снежно невреме од обилни врнежи од снег и ниски температури, јавува Агенција Анадолија (АА).
Националната метеоролошка служба издаде предупредувања за невреме почнувајќи од Тексас и Ново Мексико, на југот на земјата, и сојузните држави на Средниот Запад, Мичиген и Илиноис, па сѐ до исток до Њујорк и Вермонт.
Ново Мексико се подготвува за 35 сантиметри снег во одредени области, а на пониските подрачја температурата неколку дена ќе се спушти под нулата.
За „Њујорк тајмс“ (New York Times), Брајан Гајер, метеоролог од Националната метеоролошка служба, изјави дека температурaтa во делови на источно Ново Мексико може да се чувствува како -6 до -3 степени поради студениот ветер.
„Невообичаено е за нас да имаме комбинација од снег со температурите што се очекуваат“, рече тој.
Речиси една година по колапсот на системот за електрична енергија во Тексас по големата снежна бура, кога имаше над 100 смртни случаи, а милиони беа оставени без електрична енергија, државните власти ги уверуваат жителите дека овој пат се подготвени.
„Знаеме какви реформи воведовме во последните неколку месеци и ве уверуваме дека нашите мрежи се сигурни и подготвени за оваа бура“, рече претседателот на Комисијата за јавни услуги на Тексас, Питер Лејк, на прес-конференција.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, призна дека нема гаранции кога станува збор за огромните снежни бури како онаа што е на пат, но изрази уверување во планот на државата за поголеми енергетски резерви со цел да се осигура дека ќе има дополнително снабдување со електрична енергија.
„Она што сме подготвени да го постигнеме е дека електрична енергија ќе има во целата држава“, рече Абот.