Mücahit Aydemir
13 Септември 2020•Ажурирај: 14 Септември 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Американската Aмбасада во Либија соопшти дека водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот од земјата, Калифа Хафтар, од денеска „се обврзал“ дека ќе ја прекине блокадата врз либиската нафта, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава од Амбасадата се наведува дека американскиот амбасадор во Либија, Ричард Норланд, бил во „меѓусебна преписка“ со Калифа Хафтар.
Исто така се истакнува дека Хафтар рекол дека „ќе дозволи целиот енергетски сектор да се отвори најдоцна на 12 септември и дека тој лично се обврзал на ова“.
Потсетувајќи дека страните во Либија, под водство на Обединетите нации (во Мароко), се состанале за мирен дијалог, во изјавата се додава: „Амбасадата на САД е задоволна од тоа што има либиски консензус, што ѝ овозможува на либиската Национална корпорација за нафта (NOC) да ја започне својата витална мисија.“
Меѓу другото, во изјавата се нагласува дека Либијците имале сериозна криза со електричната енергија поради присилното затворање на секторот за нафта и гас во земјата, дека земјата се соочува со епидемијата на Ковид-19 и дека странските платеници и вооружени групи претставуваат закана за енергетската инфраструктура.
„Непосредното спроведување на обврската на Хафтар е од витално значење за зголемување на благосостојбата на либискиот народ“, се нагласува во изјавата.
Сите градови во Либија, земјата со најголемите резерви на нафта на африканскиот континент, имаа прекини на електричната енергија до 20 часа на ден.
Во Либија, Калифа Хафтар од јануари ги држи затворени нафтените извори и постројките во источните делови на земјата.
Бидејќи милициите на Хафтар го запреа производството и извозот на нафта, Либија е лишена од приходите од нафтата, кои сочинуваат над 90 проценти од нејзината економија.
Со тоа земјата претрпе загуба од скоро 10 милијарди долари од почетокот на годинава.