Servet Günerigök
05 Јули 2022•Ажурирај: 05 Јули 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Полицијата го уапси осомничениот за масовното пукање во кое загинаа шест лица на парадата на Денот на независноста на 4-ти јули во американската сојузна држава Илиноис, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пукањето, кое се случи претходно во текот на денот во богатото предградие на Чикаго, Хајленд Парк, исто така остави најмалку 24 ранети.
Шефот на полицијата во Хајленд Парк, Лу Џогмен, го идентификуваше „лицето од интерес“ како 22-годишниот Роберт Е. Кримо III.
Џогмен рече дека кога полицаец се обидел да „иницира запирање на сообраќајот“, Кримо се обидел да побегне, по што следела кратка потера.
„На крајот тие успеаја да го запрат во Лејк Форест. Субјектот беше приведен без инциденти“, рече тој на прес-конференција.
Според „Њујорк Тајмс“, возраста на ранетите во престрелката била меѓу 8 и 85 години.
Вооружениот напаѓач пукал со пушка од покрив за време на парадата, а огненото оружје е пронајдено на местото на настанот, соопшти полицијата на претходната прес-конференција.
Гувернерот на Илиноис, Ј.Б. Прицкер, им се заблагодари на агенциите за спроведување на законот за нивните напори во апсењето на осомничениот вооружен напаѓач.
„Овој убиец ќе биде изведен пред лицето на правдата“, рече тој на прес-конференцијата.
Истакнувајќи дека имал телефонски разговор со претседателот Џо Бајден, Прицкер рече: „Ова лудило мора да престане“.