Ekipa
11 Декември 2017•Ажурирај: 12 Декември 2017
СЕУЛ (АА) - Вооружените сили на САД, Јужна Кореја и Јапонија изведуваат заедничка воена вежба, односно симулација на одговор на севернокорејскиот ракетен напад, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Центарот на заедничката команда во Сеул (JCS) соопштено е дека во дводневната вежба учествуваат и морнариците, а во целиот проект се вклучени дигитални симулации на севернокорејскиот напад.
Тоа е прва заедничка воена вежба на трите земји, по минатомесечното севернокорејско тестирање на далекосежната балистичка ракета.
Иако Јапонија и Јужна Кореја не се во воен сојуз, севернокорејската нуклеарна закана се наметна како силен фактор официјален Токио и Сеул да ги остават недогласувањата и проблемите од минатото настрана и да се обединат со заедничкиот партнер САД, во борбата против Пјонгјанг.
Минатата година, Јапонија и Јужна Кореја потпишаа и договор за размена на разузнавачки информации поврзани со севернокорејската нуклеарна програма.
Последните извештаи од Сеул укажуваат дека Северна Кореја наскоро би можела да изврши нова провокација во регионот, и тоа тестно лансирање на проектил од подморница.
Паралелно со тоа, Центарот на заедничката команда во Сеул го одби предлогот за одложување на почетокот на редовната воена вежба којашто ќе се одржи речиси во исто време со Олимписките игри во Пјонгјанг, на почетокот од наредната година.
Предлагачите за одложување на почетокот на воената вежба тврдат дека ова значително ќе ги намали тензиите во регионот за време на Олимписките игри.