Mohammed Yahya Ahmad Mohammed,Ali Semerci
29 Јули 2020•Ажурирај: 30 Јули 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Идните аџии пристигнаа во Мина во сенка на вонредните мерки преземени поради епидемијата на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Аџиите пристигнаа во Мина почитувајќи го правилото за социјална дистанца утврдено во рамки на мерките преземени за борбата против Ковид-19.
Идните аџии ќе ја поминат ноќта во Мина, а утре наутро ќе тргнат кон Арафат.
Мухамед ал Абдулали, портпаролот на Министерството за здравство, изјави дека сите идни аџии се во добра здравствена состојба.
Потврди дека меѓу идните аџии не е забележан ниту еден случај на присуство на коронавирусот.
Властите на Саудиска Арабија ги држеа аџиите во карантин пет дена во нивните хотели во Мека пред аџилакот, во рамки на мерките против Ковид-19.
Министерството за аџилак и Умра на Саудиска Арабија претходно објави дека обредите на аџилакот оваа година, поради пандемијата на коронавирусот, ќе ги извршуваат само државјани на Саудиска Арабија.
Претходните години обредите на аџилакот ги извршуваа 2,5 милиони луѓе од различни делови на светот, а годинава тој број е ограничен на 10.000.