Esra Tekin
08 Мај 2026•Ажурирај: 08 Мај 2026
Поради сушата, вооружените конфликти, раселувањето на населението и намаленото хуманитарно финансирање, Сомалија се соочува со сериозна ескалација на кризата со глад каде што милиони луѓе се турнати кон вонредни нивоа на несигурност во однос на храната, предупреди вчера Светската програма за храна, јавува Анадолу.
Според агенцијата, 6,5 милиони луѓе во Сомалија во моментов се соочуваат со глад на ниво на криза или полошо, што е речиси двојно повеќе во споредба со бројката регистрирана минатата година.
Од нив, 2 милиони луѓе се соочуваат со глад од вонредни размери, а се очекува повеќе од 1,8 милиони деца да страдаат од акутна или тешка неисхранетост во текот на оваа година.
Сегашната состојба наликува на кризата од 2022 година, кога Сомалија се наоѓаше на работ на масовен глад. Тогаш катастрофата беше избегната единствено благодарение на засилениот ангажман за хуманитарна помош.
Светската програма за храна и нејзините партнери во тој период помогнаа на 8 милиони луѓе, но агенцијата сега предупредува дека недостигот на финансиски средства сериозно го ограничува нејзиниот капацитет за одговор на тековната криза.
Во североисточниот дел на Сомалија, во областа Пунтленд, семејствата кои некогаш живееле главно од сточарство изгубиле голем дел од своите приходи и снабдувањето со храна по три неуспешни дождовни сезони.
Сафија Махамед, жителка на селото Дилин, изјави дека нејзиното стадо од 100 кози се намалило на само пет.
Од Светската програма за храна велат дека семејствата кои се во слични услови го намалуваат бројот на оброци, позајмуваат пари и размислуваат за раселување во потрага по неопходната помош.
Дефицитот на финансиски средства веќе ја принуди Светската програма за храна да ја прекине итната хуманитарна помош во 30 окрузи.
Агенцијата соопшти дека во моментов успева да обезбеди средства само за едно од десет лица на кои им е итно потребна помош и предупреди дека можеби ќе мора целосно да ја прекине итната помош до јули, доколку не се обезбедат дополнителни финансиски средства.
Редуцирана е и нутритивната поддршка, при што бремените жени, доилките и девојчињата се исклучени од програмите за помош. Истовремено, бројот на здравствени центри поддржани од Светската програма за храна (WFP) драстично е намален, односно од над 600 центри во 2025 година, нивниот број сега изнесува само 120.
Директорот на Светската програма за храна за Сомалија, Хамид Нуру, предупреди дека натамошното редуцирање на помошта би можело да предизвика хуманитарни, безбедносни и економски последици кои ќе се рефлектираат и надвор од границите на Сомалија.
Агенцијата соопшти дека се неопходни итни 131 милион долари со цел да се обезбеди континуирана поддршка за најранливите категории граѓани во земјата до октомври 2026 година.