Yusuf Özcan
11 Јуни 2019•Ажурирај: 12 Јуни 2019
ПАРИЗ (АА) - Стеблото кое во дворот на Белата куќа заедно го засадија американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот француски колега Емануел Макрон, се исуши, пренесува Anadolu Agency (AA).
Француските медиуми јавуваат дека станува збор за садница која Трамп и Макрон ја засадиле минатата година, односно, за стебло кое е симбол на нивното пријателство.
Макрон во април минатата година престојуваше во официјална посета во Белата куќа и во таа пригода на Трамп му подари садница која ја засадија заедно, во присуство и на првите дами на двете земји.
Макрон, садницата ја донесе од шумите на северниот дел на Франција во кои за време на Првата светска војна животот го загубија повеќе од 2.000 американски војници.
Садницата брзо почна да се суши откако беше засадена, па градинарите на Белата куќа ја извадија и ја пренесоа во пластичен карантин, но таа никогаш потоа не беше вратена на местото на кое Макрон и Трамп ја засадија.
Неименувани извори тврдат дека садницата се исушила во карантинот.