Ekipa
22 Ноември 2023•Ажурирај: 23 Ноември 2023
РАМАЛА (АА) – Седум Палестинци се убиени денес во нападите на израелската Армија на окупираниот Западен Брег, соопшти Министерството за здравство, јавува Анадолу.
Во соопштението на Министерството се наведува дека телата на шестмина убиени Палестинци биле примени во болницата Тулкарм на северниот дел на Западниот Брег.
Израелските сили го нападнаа градот Азун источно од Калкилија и бегалските кампови Тулкарм и Дејшех рано утрово, изјавија очевидци.
Неколку куќи беа претресени во Тулкарм од страна на израелските сили, кои приведоа голем број Палестинци пред да се повлечат од областа по 8-часовниот воен напад, се вели во соопштението.
Еден 30-годишен маж исто така е убиен од оган на израелската Армија во Азун, изјави локален медицински извор.
Тензиите се зголемени низ Западниот Брег поради израелската воена офанзива на Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Според Министерството за здравство, најмалку 225 Палестинци се убиени, а околу 2.850 се повредени од страна на израелските сили на Западниот Брег од 7 октомври.