Islam Uddin
27 Октомври 2022•Ажурирај: 28 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Кинескиот претседател Си Ѓинпинг изјави дека неговата земја е подготвена да соработува со САД за да се донесе мир и стабилност во светот, пренесива Агенција Анадолија (АА).
„Во честитката за годишната гала-вечера на Националниот комитет за односи меѓу САД и Кина, Си додаде дека Кина и САД треба да се почитуваат меѓусебно, да коегзистираат мирно, да постигнат соработка и да го најдат вистинскиот начин за двете земји да се согласуваат во новата ера, од што ќе имаат корист не само двете земји, туку и светот“, објави државниот „Глобал тајмс“.
„Светот денес не е мирен. Како големи сили, зајакнувањето на комуникацијата и соработката на Кина и САД ќе помогне да се зголеми стабилноста и сигурноста на светот и да се промовира светскиот мир и развој“, весникот го цитира Си.
Ова е негова прва изјава за односите со САД откако викендов беше избран за претседател по трет историски мандат.
Си се надева дека Националниот комитет на Кина за односите меѓу САД и Кина ќе продолжи да ја игра својата активна улога, помагајќи им на билатералните односи да се вратат на патеката на здрав и стабилен развој.
Тензиите меѓу Пекинг и Вашингтон ескалираа откако Кина започна невидени воени операции околу Тајван во август, кога претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, ненајавено отпатува во самоуправната островска држава.
Пекинг го гледа тоа како кршење на неговиот суверенитет и одржа огромни воени активности, вклучително и истрелување проектили, некои над островската држава, дом на над 24 милиони луѓе. Покрај воените операции, Кина го прекина и воениот дијалог на високо ниво со Пентагон и соработката за климатските промени.
Тајван ја одржува својата независност од 1949 година, додека Пекинг спроведува политика на повторно обединување на островот со копното, вклучително и со сила доколку е потребно.