Ömer Koparan,Mehmet Burak Karacaoğlu
28 Ноември 2024•Ажурирај: 29 Ноември 2024
ИДЛИБ (АА) - Руски воени авиони денес извршија напади врз населените места Дарат Иза и Етариб во руралното подрачје на западниот дел на сириската покраина Алепо, во коишто загинаа 12 цивили, а 30 се повредени, јавува Анадолу.
Според Опсерваторијата за авиони поврзана со опозицијата, борбените авиони полетале од руската воздухопловна база „Хмејмим“ во северозападната сириска покраина Латакија и нападите ги извршиле околу пладне.
Сириската цивилна одбрана, неутрална хуманитарна организација која работи на потрага, спасување и гаснење пожари, ја потврди смртта на четири лица во Дарат Иза и осум во Етариб. Исто така, соопшти дека меѓу 30-те повредени има седум деца, кои биле пренесени на лекување во блиските болници.
Во меѓувреме, судирите меѓу силите на режимот на Башар ал-Асад и вооружената опозициска група Хајет Тахрир ал-Шам во Алепо и Идлиб влегоа во вториот ден.
Опозициските групи тврдат дека освоиле 39 села по судирите со силите на режимот на Асад.
Сирија е вовлечена во жестока граѓанска војна од почетокот на 2011 година, кога сирискиот режим на Асад со неочекувана жестокост ги разби продемократските протести.
Засега нема потврда, ниту демант од Русија за воздушните напади.