ХАТАЈ
Селен ТЕМИЗЕР
Сириската мрежа за човекови права (СНХР) успеала да го одреди идентитетот на само 128.000 лица кои се заточени во затворите на подрачјето на Сирија, но според шефицата на Одделот за документирање на заробениците на СНХР, Нур ал Хатиб, вистинската бројка на заробеници кои се измачувани во затворите е многу поголема, јавува Anadolu Agency (AA).
Од СНХР наведуваат дека во сириските подрачја кои ги контролира режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, постојат шест главни затвори и 18 други затворски единици или „испитувачки центри“, во кои, според одредени податоци, на систематско мачење се изложени дури половина милион лица.
Претставничката на СНХР, Нур Хатиб, која и самата помина девет месеци во заробеништво, во разговор со новинарот на АА, по повод 26 јуни, Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од злоупотребување, истакна дека во текот на деветте месеци престој во заробеништво била изложена на разни измачувања и истакна дека е задоволна што денес има можност да го даде својот придонес во работата на СНХР.
„СНХР нема свое одредено седиште или центар. Ние се наоѓаме таму каде што се сириските бегалци. Во Турција, Јордан, Либан, имаме наши вработени кои живеат и во Велика Британија“, изјави Хатиб.
Таа истакна дека во рамките на мрежата на СНХР настојуваат да стапат во контакт со поранешните заробеници во сириските затвори.
„Лично, преку интернет или телефон. Го документираме сето она низ кое поминале. Луѓето кои беа заробени, за нас не се само жртви, туку и извор на информации“, појасни Хатиб и додаде:
„Врз основа на изјавите на заробените дознаваме дури и имиња на оние кои ги мачеле, но исто така и имиња на другите заробеници. За судбината на овие луѓе ги информираме нивните семејства. Соработуваме и со другите организации за заштита на човековите права. Ги користиме сите можности за да ги утврдиме сите кршења на човековите права“.
Кога станува збор за податоците за бројот на заробените на подрачјето на Сирија, Хатиб предупредува дека реалниот број е многу поголем од она што се официјални податоци.
„СНХР успеа да открие дека во моментов најмалку 128.000 лица се заробени во затворите и испитувачките центри. Секако дека вистинскиот број на заробени е многу поголем од тоа. За споменатите 128.000 ние ги утврдивме нивните имиња, датумот кога се затворени и други податоци. Меѓу нив, 82.000 лица се водат како исчезнати, т.е не се знае за нивната судбина по затворањето. Утврдивме, исто така, дека меѓу заробените има и 7.721 жена“, истакна Хатиб.
Таа нагласи дека жените се најголеми жртви кога станува збор за заробеништвото во сириските затвори. Откако ќе бидат ослободени, соочени се со голем број општествени проблеми, поради што, како што истакнува Хатиб, им е потребна психолошка, но и секаква друга поддршка.
Изворите на опозициската војска покажуваат дека во режимските затвори и сличните затворски и безбедносни единици, се наоѓаат најмалку половина милион луѓе.
Некои од режимските затвори во Сирија се Централниот затвор на Алепо, Централниот затвор на Дамаск, Централниот затвор Адра, воениот затвор „Мезе“, затворот „Тедмур“, воениот затвор „Сајднаја“ и уште 18 помали затворски единици.
СНХР од јуни 2011 година ги документира кршењата на човековите права во Сирија. На дневно, месечно и годишно ниво објавува извештаи за нападите, судирите, жртвите, користеното оружје, заробениците, случаите на исчезнати. Со оглед дека податоците ги собира од прва рака, СНХР важи за еден од најповерливите извори на меѓународен план.
news_share_descriptionsubscription_contact
