Erbil Başay
16 Февруари 2018•Ажурирај: 17 Февруари 2018
БЕРЛИН (AA) – Во текот на вчерашната посета на Германија на турскиот премиер, Бинали Јилдирим, поточно за време на конференцијата за новинари со германската канцеларка, Ангела Меркел, лицето што се претстави како новинар се обиде да ја саботира прес-конференцијата покажувајќи лажни фотографии што ги користат приврзаниците на терористичката организација ПЈД/ПКК на социјалните мрежи за клеветење на операцијата „Маслинова гранка“, јавува Anadolu Agency (AA).
Арманц Агид Нервеји на конференцијата за новинари влезе претставувајќи се како вработен во „Basnews“, но на присутните подоцна им делеше визит-карти од сосема друга организација. Тој во текот на обраќањето на премиерот Јилдирим, покажа фотографии за кои тврдеше дека се од Африн. Но за фотографиите што ги покажа е утврдено дека се од серијата фотографии за кои АА откри дека се злоупотребени на социјалните мрежи.
Приврзаникот на ПЈД/ПКК Нервеји, меѓу другото, покажа и фотографија од рането дете за која е утврдено дека е објавена во медиумите во август 2016 година. Тој рече дека фотографиите ги пронашол на интернет.
Исто така, меѓу фотографиите што ги покажа на конференцијата за новинари е и онаа која лицата блиски на терористичката организација ПЈД/ПКК ја објавија на своите профили на социјалните мрежи, со наслов „Спасете ги децата на Африн“. Меѓу неговите фотографии беше и фотографијата снимена на 18 декември 2015 година во болницата во Сирија. Се работи за фотографија на агенцијата „Ројтерс“, која ја користеше германскиот весник „Франкфурт Алгемајне“ („Frankfurt Allgemeine“).
Нервеји, кој за себе тврдеше дека е новинар, во текот на конференцијата за новинари не се однесуваше во согласност со пропишаните правила. Тој започна да говори со висок тон, без притоа да му биде дозволено да се обрати.
По провокативното однесување на Нервеји, се обрати и премиерот Јилдирим, кој му порача дека фотографиите што ги покажа немаат никаква поврзаност со операцијата во Африн.
„Тоа се фотографии снимени на други места. Не правете пропаганда. Ако сакаш да знаеш што се случува во Африн, дојди таму. Таму ќе видиш што точно се случува. Сето тоа што го покажуваш се фотографии од други места“, порача премиерот Јилдирим.