Tayfun Salcı
05 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
ЛОНДОН (АА) - „BBC“ (Би-би-си), британската јавна информативна куќа, објави снимки од скриени камери поставени во лондонскиот центар за депортација на странци, Брук хаус, на коишто се гледаат лошите услови за престој на притворените лица и малтретирањето на коешто се подложени, јавува Anadolu Agency (AA).
За потребите на телевизиската програма „Панорама“, Калум Тули, вработен во центарот за притвор, прифатил на себе да носи скриена камера, снимајќи видео-материјал на којшто се забележува дека азилантите криминалци и најобичните азиланти се сместени во исти оддели во центарот, понекогаш и во исти ќелии. На снимките може да се види и како одредени вработени во центарот за притвор ги малтретираат притворените лица.
Во центарот за притвор многу е распространето наркотичкото средство наречено „спајс“ (зачин), чие дејство е причина за обиди за самоубиство меѓу притворените лица. Сето тоа може да се забележи на направените снимки.
- Во центарот за притвор лицата престојуваат и по 2,5 години -
Во објектот за притвор отворен во 2009 година, во просек притворените престојуваат 48 дена, меѓутоа има и притвореници кои во објектот престојувале 2,5 години.
Тули, кој ги изработи снимките за потребите на „BBC“, во ТВ-програмата „Панорама“ изјави дека додека работел во седиштето на центарот за притвор, бил сведок дека голем број приведени азиланти сакале колку што е можно поскоро да се вратат во своите држави, но и покрај тоа, со месеци биле чувани во притвор.
Во објектот кој се наоѓа во близина на аеродромот „Гетвик“ престојуваат 508 лица, од кои 45 отсто по одлежаната затворска казна се донесени во овој центар за притвор, каде што чекаат да бидат депортирани од Британија. Останатите 55 отсто се лица чие барање за азил не е одобрено или странци чиј период на виза истекол.
- Суспендирани 9 вработени -
По информирањето дека „BBC“ планира да ги прикаже направените видео-материјали, фирмата „G4S“, која раководи со центарот, објави дека се суспендирани 9 вработени и дека е започната истрага во врска со случајот. Соопштение издаде и Министерството за внатрешни работи на Британија, кое објави дека е суспендирано едно одговорно лице во центарот за притвор.