Ömer Faruk Yıldız
13 Мај 2019•Ажурирај: 14 Мај 2019
КОЛОМБО (АА) – Владата на Шри Ланка, по терористичките напади на 21 април и по вчерашните напади врз некои џамии и продавници на муслимани во земјата, привремено ги блокираше социјалните медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Министерството за информации на Шри Ланка се вели дека по вчерашните напади со камења врз џамиите и продавниците на муслиманите во крајбрежниот град Чилав, во западниот дел на земјата, привремено се блокирани сите социјални платформи во земјата.
Се наведува дека забраната за социјални медиуми, како што се Фејсбук и слични мрежи е со цел да се спречи испраќањето на заканувачки пораки.
Во меѓувреме, забраната за излегување на улица во регионите Бингирија, Думаласорија и Кулијапитија прогласена вчера, ова утро е тргната.
На денот кога христијаните го чествуваа католички Велигден, на 21 април, во Шри Ланка, цел на терористичките напади беа црквите „Свети Антониј“ во Кочикаде, „Свети Себастијан“ во Катана и црквата „Девица Марија“ во Батикалоа, како и хотелите со пет ѕвезди „Кингсбери“, „Синамон гранд“ и „Шангри ла“ во градот Коломбо.
По овие напади, во предградијата на главниот град Коломбо, во хотел со три ѕвезди во близина на Зоолошката градина во Дехивала и на надвозникот Дематого, исто така, имаше експлозии. Властите во Шри Ланка објавија дека при терористичките напади животот го загубиле 253 лица.