Michael Gabriel Hernandez
19 Октомври 2021•Ажурирај: 20 Октомври 2021
ВАШИНГТОН
САД и понатаму се во активни консултации со Турција за решавање на тековниот спор во врска со исфрлањето на Анкара од програмата за стелт борбените авиони Ф-35, соопшти Стејт департментот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот Нед Прајс рече дека администрацијата на Бајден е ангажирана за „решавање на спорот за Ф-35“ со Турција, но истакна дека од тие дискусии нема „прерано да пресудува за исходот“.
„Не сакам да влегувам во разговорите меѓу турската влада и американската администрација, па затоа ќе го оставам тоа“, рече Прајс.
САД под водство на поранешниот претседател Доналд Трамп ја отстрани Турција од програмата за стелт борбени авиони Ф-35 поради одлуката на Анкара за купување на рускиот систем С-400, за кој американските власти тврдат дека претставува ризик за Ф-35. Американската страна смета дека е можно Русија тајно да го користи системот за да добие доверливи детали за авионот.
Турција тврди дека се свртела кон рускиот одбранбен систем откако не успеала по долготрајните преговори со САД да се договори за набавката на ракетните системи „Патриот“ од американската компанијата „Рајтон“. Анкара дополнително соопшти дека С-400 не претставува ризик за Ф-35.
Турција нарача околу 100 авиони Ф-35, а нејзиниот одбранбен сектор имаше значајна улога во развојот и производството на стелт борбените авиони од петтата генерација.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во неделата рече дека САД предложиле продажба на борбени авиони Ф-16 како компензација за исплатата на Турција од 1,4 милијарди долари за Ф-35.