БРИСЕЛ (АА) - Северноатлантската алијанса (НАТО) денеска изрази загриженост за најскорото воено распоредување на Русија во Белорусија, повикувајќи ја Москва да преземе чекори за деескалација на тензиите, и истакна дека бројот на руски војници во и околу Украина надминал 100.000, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Бројот на трупи што Русија ги распореди во и околу Украина надмина 100.000, видовме дека во последните два дена испрати значителни воени сили во Белорусија“, посочи генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за време на заедничка прес-конференција со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски во Брисел.
„НАТО продолжува да ја повикува Русија на деескалација. Секоја дополнителна руска агресија би имала сериозни последици и би имала висока цена“, порача Столтенберг и додаде „Остануваме подготвени да се вклучиме во значаен дијалог и доставивме писмен предлог до Русија“.
Генералниот секретар нагласи дека НАТО е подготвено да разговара за односите со Русија и за намалувањето на ризиците.
„Но, НАТО нема да прави компромиси за основните принципи: правото на секоја нација да го избере сопствениот пат и способноста на НАТО да ги заштити и брани сите сојузници“, рече Столтенберг.
„Ние сме посветени на изнаоѓање политичко решение за кризата“, рече тој. „Мораме да бидеме подготвени за најлошото.“
Генералниот секретар на НАТО истакна дека зборувал со премиерот Ковачевски за континуираното воено распоредување на Русија во и околу Украина.
„Во текот на последните денови видовме значително движење на руските воени сили во Белорусија. Ова е најголемото руско распоредување по Студената војна“, рече шефот на НАТО.
„Широк опсег на модерни воени капацитети беа распоредени во Белорусија“, продолжи тој. „Сево ова ќе биде комбинирано со годишната вежба на руските нуклеарни сили, што се очекува да се одржи овој месец.“
САД со своите европски сојузници ја обвинија Русија дека поставува терен за инвазија на Украина со распоредувањето над 120.000 војници, заедно со распоредувањето артилерија и тенкови.
Москва негира дека се подготвува за воена офанзива, велејќи дека војниците се таму само поради регуларни вежби.
Слично распоредување се случи во Белорусија.
САД во понеделникот соопштија дека Русија се обидува да го зголеми своето воено присуство во Белорусија за шестпати во почетокот на февруари до 30.000 вооружени сили.
Во своето обраќање на седницата на Советот за безбедност на ОН за тензиите во Украина, Линда Томас-Гринфилд, претставничката на Вашингтон во ОН, рече дека Русија веќе распоредила 5.000 војници во Белорусија заедно со балистички ракети со краток дострел, специјални сили, противвоздушни батерии и дека распоредила над 100.000 војници внатре во нејзината граница во близина на Украина.