Ikrame Imane Kouachi
30 Септември 2026•Ажурирано: 30 Септември 2026
Стотици израелски доселници утринава влегле во комплексот на џамијата Ал-Акса во окупираниот Источен Ерусалим по повод еврејскиот празник Сукот, соопшти претставник на Ерусалимскиот исламски вакаф, јавува Анадолу.
Претставникот, кој побарал да остане анонимен, за Анадолу изјави дека стотици доселеници влегле во комплексот под заштита на израелската полиција.
Според него, при упадот биле изведени талмудски ритуали, молитви, танцување и пеење, што претставува кршење на воспоставениот статус кво во комплексот.
Историскиот статус кво што постоел пред израелската окупација на Источен Ерусалим во 1967 година предвидува Ерусалимскиот исламски вакаф, кој е поврзан со јорданското Министерство за верски прашања, да има исклучива надлежност за управување со комплексот на џамијата Ал-Акса, кој зафаќа 144 дунами (околу 14,4 хектари) и наменет е исклучиво за богослужба на муслиманите.
Екстремни десничарски израелски групи повикаа на масовни упади во Ал-Акса за време на Сукот, кој започна во саботата и трае до петок.
Претходно Ерусалимскиот исламски вакаф соопшти дека повеќе од 1.500 доселеници влегле во комплексот во неделата, повеќе од 1.700 во понеделникот и над 1.400 вчера.
Упадите во Ал-Акса се интензивираа од почетокот на еврејските празници, при што израелските сили обезбедуваат засилена заштита и спроведуваат воени мерки во Ерусалим.
Празниците започнаа со еврејската Нова година на 12 и 13 септември, по што следуваше Јом Кипур на 21 и 22 септември. Сукот трае од 26 септември до 2 октомври, а потоа на 3 октомври следува Симхат Тора.
Од 2003 година израелската полиција еднострано им дозволува на окупаторите да влегуваат во комплексот Ал-Акса преку портата Муграби, кај Западниот Sид, придружувани од полицајци.
- Напади на окупираниот Западен Брег -
Израелски окупатори запалиле возило и испишале расистички пораки на ѕидовите на палестински дом во селото Деир Судан на окупираниот Западен Брег, соопшти денес организација за човекови права.
Организацијата „Ал-Бајдар“ во соопштение наведе дека во нападот е предизвикана материјална штета и зголемени се тензиите меѓу жителите на селото северно од Рамала.
Групата соопшти дека засега нема дополнителни информации за обемот на штетата предизвикана во нападот.
Инцидентот се случи во екот на ескалацијата на насилството од страна на окупаторите врз Палестинците и нивниот имот на окупираниот Западен Брег.
Во август американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, ги опиша Израелците вмешани во насилството врз Палестинците на окупираниот Западен Брег како „терористи“.
Во јуни 14 специјални известувачи на ОН предупредија дека наглото зголемување на „окупаторскиот тероризам“, со поддршка и соучесништво на израелската држава на окупираната палестинска територија, претставува егзистенцијална закана за палестинските заедници.
Според податоците на Палестинската комисија за отпор против ѕидот и колонизацијата, во август окупаторите извршиле 628 напади врз Западниот Брег, вклучително и во окупираниот Источен Ерусалим.
Според официјалните палестински податоци, околу 750.000 окупатори живеат на Западниот Брег, вклучително и во окупираниот Источен Ерусалим, во 194 населби и 400 пункта.
Од почетокот на израелската геноцидна војна во Газа во октомври 2023 година, израелските сили и окупаторите ги интензивираа нападите низ Западниот Брег, при што, според палестински податоци, убиени се 1.206 Палестинци, околу 13.350 се повредени, а повеќе од 24.600 се приведени.