Gülşen Topçu
27 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
МАРИБ (АА) - Во околината на градот Ел Баида во Јемен дојде до вооружен судир меѓу владините сили и Хусите. Во судирот животот го загубија 40 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение што го објави војската на Јемен, се вели дека владините сили, поддржани од коалициските сили предводени од Саудиска Арабија, започнале операции за ослободување на селото Ел Малаџим во подрачјето на Ел Баида, кое е под контрола на Хусите. Во судирот животот го загубија 15 војници и 25 Хуси.
Во соопштението се вели дека владините сили успеале да напредуваат во подрачјето и се доближиле до 18 километри од местото Афар, кое претставува стратешка точка за Хусите.
Во продолжение се истакнува дека од активирањето на мините поставени од страна на Хусите, ранети се дел од војниците, но не е дадена точна бројка.
Продолжуваат борбите во Ел Баида меѓу владините сили и Хусите кои започнаа пред неколку недели. Владините сили од повеќе насоки се обидуваат да напредуваат кон градот.