Ekipa
13 Септември 2021•Ажурирај: 14 Септември 2021
КАБУЛ (АА) - Жените во Авганистан ќе можат да продолжат со образованието на сите нивоа во кое било поле, но часовите ќе бидат одделни и ќе има задолжителен кодекс на облекување, објавија талибанците, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нема да има пречки девојчињата да го продолжат своето образование“, изјави Абдул Баќи Хакани, вршител на должноста министер за образование во привремената талибанска администрација, на прес-конференција во главниот град Кабул.
Тој рече дека жените ќе можат да постуваат и постдипломски студии, но ќе бидат раздвоени по пол на часовите во универзитетот, бидејќи „заедничката едукација на машки и женски е против исламските и авганистанските традиции“.
„Најважно е студентките да носат хиџаб“, рече Хакани, без да прецизира дали мисли на марама или целосно покриено лице.
„Доколку универзитетите имаат капацитет, тогаш ќе има целосно одделни часови, па дури и згради, за девојчиња и момчиња“, додаде тој.
„Мажи ќе им предаваат на момчињата, а жени на девојчињата“, вели Хакани и појасни дека во случај да нема доволно наставнички, наставници ќе ги подучуваат девојчињата зад завеса.
Иако призна дека неговото министерство се соочува со финансиски тешкотии, тој тврди дека привремената администрација работи на стратегија за да ги покани авганистанските универзитетски професори кои живеат во странство да заземат позиции на локалните универзитети.
Хакани, кој ја презеде функцијата без официјално давање заклетва, тврди дека талибанците се „подготвени да работат со меѓународната заедница во областа на образованието“.
Тој додаде дека привремената администрација ќе им посвети посебно внимание на талибанските припадници кои немале пристап до образование во минатото.