Burak Bir
06 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
АНКАРА
Талибанците денес ја презедоа целосната контрола врз Авганистан, откако рекоа дека ја зазеле долината Паншир, единствената провинција што групата не ја зазеде во текот на изминатиот месец, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Паншир, последното скривалиште на „непријателот во бегство“, е заземено, нема цивилни жртви“, рече портпаролот Забиула Муџахид на прес-конференција, емитувана во живо од главниот град Кабул.
Антиталибанските сили во северната провинција беа предводени од поранешниот потпретседател Амрула Салех и од синот на починатиот муџахедин, командант Ахмад Шах Масуд.
Претходно, тој преку твит објави крај на отпорот во северната провинција, уверувајќи ги жителите дека ќе бидат безбедни. „Ние им даваме целосно уверување на чесните луѓе во Паншир дека нема да бидат дискриминирани, сите тие се наши браќа“, рече тој.
Муџахид рече дека „Исламските емирати на Авганистан“ сакаат да преговараат со групата на отпорот во Паншир и да го решат проблемот преку дијалог, но дека преговорите „не дале резултат“ и тие одлучиле да ја заземат долината со сила. „Секој бунт ќе биде силно погоден“, додаде тој.
На прашањето зошто е одложено формирањето на новата авганистанска влада, тој рече дека тоа е затоа што сакаат да направат правилна работа.
Тој рече дека новоформираната влада ќе биде „инклузивна“ и „може да биде привремена“.
„Нека се формира влада, а подоцна ќе видиме дали на Уставот му се потребни промени“, додаде портпаролот.
Тој ги повика сите Авганистанци „да се вратат дома и да се приклучат на реконструкцијата и обновата на Авганистан“.
Признавајќи го недостатокот на храна во Паншир, тој рече дека залихите се испраќаат до долината, а дека телефонските и електричните услуги исто така ќе бидат обновени.
Тој не го потврди местото на поранешниот потпретседател, велејќи дека за него се вели дека „избегал во Таџикистан“.
Портпаролот тврди дека се уапсени речиси сите вклучени во славеничките истрели, велејќи дека групата нема да дозволи такви инциденти.
Муџахид им се заблагодари на Турција и Катар за делумното продолжување на услугите на аеродромот во Кабул, велејќи дека напорно работат за целосно отворање на аеродромот.
Тој рече дека талибанците сакаат „добри односи“ со сите соседи, вклучително и со Кина.
„Мирот и стабилноста се предуслов за инвестиции (во Авганистан)“, рече Муџахид, одговарајќи на прашање за потенцијалните кинески инвестиции во Авганистан.
Тој побара од Авганистанките, кои неодамна протестираа за своите права, да избегнуваат демонстрации поради „чувствителната“ безбедносна ситуација.