Murat Özgür Güvendik
30 Јануари 2022•Ажурирај: 31 Јануари 2022
КЕЈПТАУН (АА)
– Мурат Озѓур ЃУВЕНДИК
Тафелберг (Трпезна Планина), во чие подножје е сместен Кејптаун, еден од трите главни градови на Јужноафриканската Република (ЈАР), е една од најпопуларните туристички дестинации во Африка. Воедно е и една од најпопуларните планински рути на овој континент.
Националниот парк „Тафелберг“ изобилува со над 8.000 растенија, од кои 2.200 се автохтони, и со околу 1.400 животински видови.
Планината поради својот рамен врв потсетува на огромна маса, поради што и го добила името. Нејзините природни убавини ги привлекуваат планинарите од сите делови на светот.
На врвот висок 1.083 метри планинарите ги дочекува спектакуларниот поглед на океанот и градот.
За оние што не сакаат да се качуваат на врвот, а сепак би сакале да уживаат во погледот кој го одзема здивот, тука е жичарницата.
- Тафелберг нуди многу можности за планинарите
Енди Килик (74) е искусен планинар од Кејптаун, а врвовите ги освојува подолго од половина век.
За љубовта и предизвиците кога е во прашање Тафелберг, Килик зборуваше за Агенција Анадолија (АА).
Со планинарење започнал да се занимава во младоста, а кога се пензионирал, одлучил да се врати на својата стара љубов, Тафелберг и поинтензивното планинарење.
„Величествено е да се качувате на оваа планина. Воздухот е извонреден, карпите се цврсти, не се растураат. Поради тоа Тафелберг е многу погоден за голем број планинари“, рече Енди Килик.
Додаде дека планината нуди многу можности за планинарите, а освојувањето на врвот трае цел ден.
Имајќи предвид дека Тафелберг воедно е и национален парк, забрането е таму да се мине ноќта.
„Оние што сакаат да кампуваат, можат да го сторат тоа во зоната Хаут, на другата страна од планината“, рече Килик.
- Опасност поради ненадејните временски промени
Килик се осврна и на можните несреќи до кои може да дојде во текот на планинарењето.
„Луѓето кога ќе дојдат во Кејптаун сакаат да се качат на планината, но поединци, поради недостатокот на потребното искуство можат да имаат потешкотии. Имаше и такви што паднаа од карпите, а понекогаш за жал, некои несреќи завршуваа со смртни исходи“, рече Килик.
Меѓу предизвиците со кои се соочуваат планинарите ги издвои неочекуваните временски промени, а качувањето станува особено опасно доколку дојде до врнежи.
На оние што планираат да го посетат Кејптаун им советуваше да ја посетат Тафелберг.
„Ќе ни биде драго да им помогнеме на професионалците и на рекреативците да ја почувствуваат магијата на ова искуство“, рече Килик.
За оние што не сакаат да планинарат или не сакаат да издвојат толку време, тука е и жичарницата со чија помош можат да уживаат во прекрасниот поглед.
Возењето во двете насоки чини 300 јужноафрикански ранди (околу 17 евра).
Жичарницата работи секој ден во неделата, а во летниот период работи од 8 до 20:30 часот.
Можни се и одредени промени во согласност со временските услови и годишното време.