Islam Uddin
02 Јуни 2026•Ажурирано: 02 Јуни 2026
Во текот на денешниот ден, тајфунот Џангми продолжува да се движи во правец кон север, упатувајќи се кон јужниот јапонски остров Кјушу. Претходно овој тајфун ја погоди Окинава, носејќи силни ветрови и екстремно неповолни временски услови, при што, според податоците на јапонските власти, регистрирани се четири повредени лица, пренесува Анадолу.
Повредите, кои биле регистрирани во Окинава во текот на вчерашниот ден, се последица на падови и на други инциденти предизвикани од силното невреме при поминувањето на тајфунот низ овој регион, јави новинската агенција „Кјодо”, повикувајќи се на информации од локалните служби за спасување.
Силното невреме предизвика и нарушувања во сообраќајот, што ги принуди водечките авиокомпании да откажат повеќе летови од Окинава и од островот Амами-Ошима во префектурата Кагошима.
Дополнителни нарушувања во авиосообраќајот се очекуваат денес, на линиите кои сообраќаат кон и од регионите Кјушу и островот Шикоку.
Од 5 часот наутро по локално време, тајфунот Џангми, кој е шести по ред оваа сезона, се наоѓаше западно од Амами-Ошима и се движеше во правец север-североисток со брзина од околу 25 километри на час.
Јапонската метеоролошка служба предупреди на силни ветрови и поројни дождови, кои со себе носат опасност од појава на свлечишта, поплави во пониските предели и излевање на реките во регионот Амами, како и делови од западна Јапонија. Овие временски појави се очекува да се задржат до утре.