Zehra Nur Düz,Beyza Binnur Dönmez
21 Јули 2020•Ажурирај: 21 Јули 2020
КАИРО
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот египетски колега Абдел Фатах ал Сиси денес разговараа телефонски во врска со случувањата во разорената од војна Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Двајцата лидери во телефонскиoт разговор дискутираа за прашања како што се безбедноста во Либија, заштита на државните институции и присуство на странски сили во земјата, се вели во соопштението издадено од претседателството на Египет.
Ал-Сиси ги повтори стратегијата и ставот на Египет, тврдејќи дека тие даваат приоритет на стабилноста во Либија, се вели во соопштението.
Трамп ги нагласи негативните ефекти на либиската криза врз регионот и ги пофали напорите на Египет за политичко решение во земјата, пишува во соопштението издадено од Каиро.
„Двајцата лидери се согласија да работат на воспоставување на траен мир и намалување на тензиите во Либија“, се додава во соопштението.
Разговорот меѓу двајцата лидери се случи истиот ден откако египетскиот парламент го одобри предлогот за овластување на воената интервенција во Либија.
На тајното гласање со кое претседаваше претседателот на парламентот, Али Абдел Аал, парламентот го овласти египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси „да ги преземе сите неопходни мерки за да ја заштити националната безбедност на земјата“, објави весникот „Ал Гомурија“.
Оваа одлука е донесена една недела откако либискиот парламент во Тобрук, поврзан со воениот лидер Калифа Хафтар, му даде на Египет зелено светло воено да интервенира во Либија, под изговор „за заштита на националната безбедност“ на двете држави.
Минатиот месец, ал Сиси упати закани за воена интервенција над Сирт и Џуфра, велејќи дека се нивна „црвена линија“.
Во април 2019 година, нелегитимните сили на Хафтар започнаа напади врз либискиот главен град Триполи и други делови на северозападна Либија, во кои загинаа над 1.000 лица, меѓу кои жени и деца.
Силите на либиската легитимна Влада неодамна остварија значајни победи, протерувајќи ги силите на Хафтар од Триполи и стратешкиот град Тархуна.
Владата на национално единство на Либија е меѓународно признаена од страна на Обединетите нации (ОН), додека Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот од Либија, поддржан е од страна на Русија, Франција, Египет и ОАЕ.