Ahmet Dursun
10 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја изрази благодарноста на Техеран за „импресивната солидарност на турскиот народ со Иран“, соопшти иранското Претседателство доцна синоќа, пренесува Анадолу.
„Ја цениме позицијата на Турција во осудата на бруталните напади врз Иран, а особено импресивната солидарност на турскиот народ со Иран“, рече Пезешкијан за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Иранскиот претседател, исто така, изразил благодарност до „одредени пријателски и соседни земји“, за време на разговорот, се додава во соопштението.
За време на меѓусебниот разговор, лидерите разменија мислења и за решенијата за ставање крај на војната.
Договорот за прекин на огнот постигнат меѓу Иран и САД, кој го вклучува и Израел, треба да ги опфати сите фронтови во регионот, вклучително и Либан, нагласи Пезешкијан.
Тој ја повика меѓународната заедница и исламските земји да извршат притисок врз Израел „да ја запре агресијата и злосторствата врз регионалните земји, особено Либан“.
Иран го прифати прекинот на огнот за да ја зачува регионалната стабилност и да спречи проширување на конфликтите, рече Пезешкијан, додавајќи: „Продолжувањето на прекинот на огнот зависи од искреното почитување на обврските од другата страна“.
Телефонскиот повик се реализира по жестоките непријателства во регионот предизвикани од заедничките напади на САД и Израел врз Иран што започнаа на 28 февруари.
Во вторникот, Вашингтон и Техеран објавија двонеделен прекин на огнот со цел отворање на патот за конечен договор за ставање крај на војната.