Muhammet Kurşun
23 Февруари 2020•Ажурирај: 24 Февруари 2020
ТЕХЕРАН (AA) - МУХАМЕД КУРСУН -
Од последиците на заразата со вирусот „Ковид-19“ (коронавирус) во Иран починаа најмалку осум лица, додека вкупната бројка на заразени е зголемена на 43, јавува Агенција Анадолија (АА).
За да се спречи ширењето на коронавирусот, иранските власти презедоа дополнителни мерки во рамките на кои во бројни ирански покраини е запрена наставата во училиштата, потоа се запрени сите културни манифестации, а културните установи се затворени за посети.
Во соопштението од Министерството за здравство наведено е дека кај уште 15 лица е констатирано заразување со вирусот „Ковид-19“, со што овој број е зголемен на 43. Меѓу 15-те нови случаи на заразување, четири се во главниот град Техеран. Бројот на починати лица е зголемен на осум.
Низ земјата се затворени сите музеи, во бројни покраини запрена е наставата, а на универзитетите се откажани испитите.
Во главниот град Техеран, граѓаните во текот на престојот надвор користат маски и ракавици за да се заштитат од вирусот. Средствата за дезинфекција, како што се гел за раце, маски и други средства, сè потешко се наоѓаат во аптеките.
Министерството за здравство соопшти дека маските бесплатно ќе им се делат на жителите и дека поради тоа фабриките што произведуваат маски ќе работат во полн капацитет, 24 часа.
Улицата „Вали Аср“ во Техеран, која е една од најфреквентните во градот и позната по метежот во текот на целиот ден, овие денови е пуста.
Претседателот на Градскиот совет на Техеран, Мухсин Хашими, кој бил хоспитализиран поради сомнеж дека е позитивен на вирусот, рече дека доколку бројот на случаи со вирусот „Ковид-19“ се зголеми, главниот град Техеран би можел да се стави во карантин.
Управата на Градот Техеран воведе почесто дезинфицирање на јавниот превоз и вагоните во железничкиот сообраќај.
Министерот за здравство, Саит Немеки, рече дека еден од луѓето што починаа во градот Кум е бизнисмен и дека деловно пратувал во Кина.
Националната комисија за здравство на Кина објави дека од последиците на заразувањето со вирусот „Ковид-19“ во Кина починале 2.444 лица. Досега заразувањето е потврдено кај повеќе од 77.000 лица, додека во последните 24 часа починаа 97 лица, а регистирани се 648 нови случаи.