Aida Cako
27 Октомври 2025•Ажурирај: 28 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) – Тешка механизација влезе вчера во Појасот Газа за да помогне во напорите за обнова на областите уништени од израелските напади, а властите започнаа со расчистување на урнатините и обновување на инфраструктурата низ енклава уништена од војна, јавува Анадолу.
Според локални извори, Египетскиот комитет што работи во Газа прати 12 единици тешка механизација преку граничниот премин Карем Абу Салем (Керем Шалом).
Претходно комитетот достави шест единици тешка механизација, меѓу кои еден багер, два камиона и три булдожери.
Канцеларија за медиуми на Владата во Газа во четвртокот ја прогласи енклавата за „зона на еколошка и структурна катастрофа“ поради двегодишнатата војна што Израел ја водеше против населението во Газа. Според официјалните податоци, речиси 90% од цивилната инфраструктура е уништена, што изнесува околу 70 милиони тони урнатини.
Обединетите нации проценуваат дека обновата на Газа ќе чини околу 70 милијарди долари.
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас беше постигнат на почетокот на октомври, според планот на американскиот претседател Доналд Трамп. Првата фаза од договорот предвидува ослободување на израелски заложници во замена за палестински затвореници, како и обнова на Газа и создавање нов управувачки механизам без Хамас.
Од октомври 2023 година во израелските напади врз Газа убиени се речиси 68.000 Палестинци, од кои најголем дел се жени и деца, оставајќи ја територијата речиси несоодветна за живот.