Qays Abu Samra,Said İbicioğlu
06 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
РАМАЛА (АА) - Со потпишување договор, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) му предаде 320 стана на палестинското раководство во Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред зградата на палестинската Влада во Рамала, министерот за јавни набавки и домување, Муфид ел-Хасајинеи, и координаторот на ТИКА за Палестина, Булент Коркмаз, потпишаа договор за предавање на изградените станови во Газа, за лицата што ги загубија своите домови во нападите на израелската армија.
Палестинскиот министер Хасаније за АА изјави дека становите се изградени со цел да се задоволат потребите на лицата во Газа што ги загубија своите домови во нападите изведени од страна на Израел.
Министерот Хасаније рече дека становите идната недела ќе им бидат предадени на 320 семејства и им се заблагодари на турската Влада и на народот на Турција за поддршката што ѝ ја даваат на Палестина.
Координаторот на ТИКА за Палестина, Коркмаз, изјави дека турската Влада ќе продолжи да вложува максимални напори за да може на палестинскиот народ да му ја даде сета потребна помош.
Во тие рамки, Коркмаз изјави дека и ТИКА ќе ја зголеми својата работа, и истакна дека со следниот проект се планира изградба на 110 домови во Ерусалим.
По израелските напади на Газа во 2014 година, во кои беа урнати голем број објекти, ТИКА со цел да ги задоволи потребите на оние чии домови беа уништени, на земјиште од 20.000 метри квадратни изгради 20 блока, со по 16 стана во секој блок.
Секој стан е со површина од 100 квадратни метри, а во овие 320 стана се предвидува да живеат 2.250 лица.