Muhammed Bilal Kenasari
14 Ноември 2016•Ажурирај: 14 Ноември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека медиумите во САД предизвикуваат страв меѓу американските муслимани и Афроамериканците по неговиот избор за шеф на државата, и дека овие стравувања се неосновани, јавува Anadolu Agency (AA).
Во првото постизборно интервју за телевизијата „Си-би-ес“, Трамп ги обвини медиумите дека свесно предизвикаат страв и одбивност кај муслиманите и кај Афроамериканците кон него.
„Тоа е страшно, ако овие луѓе навистина така се чувствуваат. Мислам дека тоа го предизвикуваат медиумите, бидејќи и некои работи што веќе постоеја во земјата се прикажуваат како штотуку да започнале. Јас дури и не морам да кажам ништо, тие ќе ископаат некоја приказна. Тоа го прават медиумите“, изјави Трамп.
Осврнувајќи се на актуелните масовни протести низ САД, на незадоволните од неговата изборна победа, Трамп изјави дека овие демонстранти всушност него ниту го познаваат и дека меѓу нив се наоѓаат „професионални демонстранти“ кои ги поттикнуваат тензиите.
„Сакам да им порачам на оние што демонстрираат против мене да не се плашат, ќе ја вратиме силата на оваа земја. Тукушто го завршивме изборниот циклус и треба да се даде малку време. Луѓето прават претстава од протестот. Случајно да победеше Хилари Клинтон, и моите симпатизери да излезеа на улиците во знак на протест, сите тоа остро ќе го осудеа. Односот кон тоа ќе беше поинаков. На сцена имаме двојни стандарди“, изјави Трамп.
На прашањето каква политика ќе застапува по прашањето на борбата против терористичката организација ДЕАШ, Трамп изјави дека не сака да открива детали, но дека може да каже дека ДЕАШ ќе биде целосно поразена.
„Јас не сум како оние што четири месеци пред почетокот на операцијата за ослободување на Мосул, почнаа да објаснуваат што и како ќе прават. Потоа сите лидери на ДЕАШ избегаа од тој регион. Можам само да кажам дека ќе се спасиме од ДЕАШ“, изјави Трамп.
Тој укажа на трилионите долари што САД ги трошат под изговор „борба против тероризмот на Блискиот Исток“, и рече дека со тие пари би можело двапати одново да се изгради цела Америка, во којашто патиштата, мостовите и сета инфраструктура се прилично застарени.
„Јас нема да ја прифатам претседателската плата од 400.000 долари. Веројатно законски ќе морам да примам плата, но јас симболично ќе примам плата од еден долар“, изјави Трамп.