Berk Kutay Gökmen
11 Јуни 2026•Ажурирано: 11 Јуни 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека САД ќе го нападнат Иран „многу силно вечерва“, додавајќи дека Вашингтон планира да ја преземе контролата врз клучната иранска нафтена инфраструктура во блиска иднина, пренесува Анадолу.
„Соединетите Американски Држави вечерва ќе го погодат многу силно Иран (чија морнарица, воздухопловство, радари, противвоздушна одбрана и сите други форми на одбрана, заедно со поголемиот дел од неговите офанзивни капацитети, ги нема!)“, напиша Трамп на својата платформа за социјални медиуми „Трут сошал“.
„Во не толку далечна иднина, ќе го преземеме островот Харг и другите клучни точки на нафтената инфраструктура и ќе воспоставиме целосна контрола врз нивните пазари на нафта и гас, слично на она што го направивме со Венецуела, што дава одлични резултати и за Венецуела и за САД“, додаде тој.
Неговите изјави следуваа откако размената на напади меѓу САД и Иран продолжи втор последователен ден, при што американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Вашингтон ќе изврши дополнителни напади доколку Техеран веднаш не го прифати мировниот договор.
Трамп претходно изјави дека на Иран му требало премногу време за да преговара за договор и дека ќе мора да ја плати цената за тоа.
Преговорите што се водат од прекинот на огнот во април, што беше постигнат со посредство на Пакистан, се фокусирани на трајно прекинување на војната која започна на 28 февруари, отворање на Ормускиот Теснец и постигнување консензус за нуклеарната програма на Иран.