Rabia İclal Turan
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп се очекува следниот вторник во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, да се сретне со лидерите на земјите од Персискиот Залив за да разговараат за следните чекори во војната со Иран, објави вчера веб-страницата „Аксиос“, повикувајќи се на три извори директно запознаени со прашањето, пренесува Анадолу.
Според „Аксиос“, се очекува средбата да биде посветена на американските идеи за стратегија за периодот по завршувањето на војната, додека администрацијата на Трамп работи на поширок план за периодот „ден потоа“, кој се очекува да биде финализиран по ноемвриските меѓуизбори во САД.
На средбата се очекува да присуствуваат лидери или министри за надворешни работи од земјите членки на Советот за соработка на арапските држави од Персискиот Залив – Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин, Кувајт и Оман, според „Аксиос“.
Се додава дека на средбата би можеле да се приклучат и други арапски и муслимански лидери.
Американскиот Стејт департмент вчера ги испратил првичните покани, објави „Аксиос“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, сака да се сретне со Трамп во Њујорк, но средбата сè уште не е закажана, се наведува на веб-страницата.