Adam Abu Bashal,Ömer Erdem
12 Април 2019•Ажурирај: 13 Април 2019
КАРТУМ (АА) - Претседателот на Политичкиот комитет, генерал Омер Зејнелабидин, овластен од страна на Транзициониот воен совет на Судан, рече дека нема да го предадат (соборениот) претседател Омар ал Башир на Меѓународниот кривичен суд, јавува Anadolu Agency (AA).
Зејнелабидин одржа прес-конференција во главниот град на Судан, Картум.
„Ние ќе го судиме Омар ал Башир. Нема да го предадеме на Меѓународниот кривичен суд“, рече Зејнелабидин.
Зејнелабидин потврди дека се приведени лидерите на владејачката партија, и додаде: „(Соборениот) Претседател Омар ал Башир е под наш надзор“.
Тој рече дека чувствувале дека бил блокиран хоризонтот, па затоа откако режимот останал индиферентен, донеле одлука да направат промена.
Според него, во позитивна насока се реакциите на меѓународните земји во врска со преземањето на власта во Судан од страна на Војската, и приведени се сите симболични имиња на режимот на Омар ал Башир.
Тој нагласи дека власта ќе ја предадат на владата што ќе биде избрана.
„Наш приоритет е безбедноста и стабилноста во земјата. Немаме амбиции да останеме на власт. Ќе се обидеме да ги пробиеме санкциите на САД“, истакна Зејнелабидин
„Народот побара власта да биде преземена од наша страна. Ние не трчавме кон власта. Не сме дел од партијата на Башир. Двегодишниот транзиционен период ќе биде за вршење преговори со политичките сили. Ќе излеземе на плоштадите. Ќе се состанеме со демонстрантите кои протестираат, и сакаме да ги слушнеме нивните мислења“, додаде тој.
Зејнелабидин нагласи дека демонстрантите се под заштита, но, според него, нема да дозволат да се прекрши слободата на другите лица.
Тој информираше дека министерот за одбрана ќе биде избран од припадниците на вооружените сили, а министерот за внатрешни работи ќе биде избран од страна на Советот. „Ние не сме пучисти, нема да го предадеме народот“, рече Зејнелабидин.
Вчера суданската Војска објави отстранување од функцијата на претседателот Омар ал Башар, кој владееше со земјата од 1989 година, како и наметнување двегодишен период на преодна фаза.
Во телевизиско обраќање, министерот за одбрана, Авад ибн Ауф, објави воведување едномесечен полициски час заедно со тримесечна вонредна состојба низ земјата.
Тој, исто така, го објави и суспендирањето на Уставот од 2005 на Судан и распуштањето на суданското Претседателство, Парламентот и Советот на министри.
Изјави дека ќе биде воспоставен воен совет за да ги води внатрешните работи на земјата по отстранувањето на Ал Башир.
Суданските опозициски партии и професионални здруженија го отфрлаат терминот „воен удар“.
Ал Башир дојде на власт во 1989 година за време на воениот удар против демократски избраната власт на премиерот Садик ал Махди.