Sorwar Alam
01 Март 2018•Ажурирај: 02 Март 2018
АФРИН (АА) - Припадниците на специјалните сили на полицијата и на турската жандармерија се приклучија на операцијата „Маслинова гранка“ во пограничниот регион на Африн, пренесува Anadolu Agency (AA).
Турција претходно оваа недела испрати полициски и жандармериски сили во Африн за да им пружат поддршка на Турските вооружени сили (ТСК) и Слободната војска на Сирија во операцијата за ослободување на Африн од терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ.
Припадниците на специјалните единици ги претресоа селата кои претходно беа ослободени од Турските вооружени сили и Слободната сириска војска, изјави неименувано официјално лице за безбедност.
Некои од припадниците на специјалните сили се стациоирани во селата за да спречат евентуално инфилтрирање на терористите.
Полицијата и жандармеријата, чиј одреден број припадници е стациониран во близина на гратчињата Џиндерес и Раџу, ќе преземат важни активности во операцијата во центарот на Африн, која се очекува во текот на наредните денови.
„Вклучувањето на специјалните сили во операцијата 'Маслинова гранка' ќе го забрза напредокот на турските сили кон центарот на Африн“, додаде неименуваниот извор.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации, особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во јули 2012 година, без борба, на терористите на ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. ПКК уште од средината на 1980-тите години води терористичка кампања против Турција.