Ali Murat Alhas
23 Ноември 2019•Ажурирај: 24 Ноември 2019
НАГОЈА/АНКАРА
Турција и Јапонија имаат за цел да ги финализираат разговорите за договор за економско партнерство до крајот на 2019 година, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу за време на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Нагоја, Јапонија, рече дека двете земји имаат за цел да го објават Договорот за економско партнерство Јапонија-Турција до крајот на годинава.
Министерот истакна дека имал плодна средба со неговиот јапонски колега, Мотеги Тосимицу, и дека разговарале за билатералните односи со посебен фокус на трговскиот договор.
Додаде дека страните се согласиле и за склучување договор за техничка соработка помеѓу соодветните државни агенции, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA).
„Со договорот за економско партнерство нашиот обем на трговска размена ќе се зголеми и ќе стане поизбалансиран“, рече Чавушоглу.
Тој соопшти дека по Јапонија ќе замине во посета на Катар, каде што турската делегација, предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган, ќе учествува на состанокот на Стратешкиот комитет со Катар.
На прашањето во врска со агендата на Турција на состанокот на лидерите на НАТО, закажан за 3 и 4 декември, Чавушоглу рече дека Анкара ќе ја сподели својата визија за проширувањето на Алијансата и за начините на нејзино адаптирање на новите закани.
Тој истакна дека Турција, Германија, Франција и Велика Британија ќе одржат четиристрана средба за време на самитот на НАТО, на која ќе разговараат за прашања поврзани со Сирија и Европа.
Во врска со билатералните односи на Турција со другите земји, Чавушоглу рече: „Дали тоа е со САД или со други земји, ние секогаш сакаме да ја искористиме дипломатијата за да постигнеме договор преку преговори за која било тема.“
„Но, ние никогаш не прифаќаме наметнувања, и нема да дозволиме некој да се меша во нашето поле на суверенитет. [...] Можеме да одржиме дискусии во кое било време, за која било тема, врз база на почитување на суверените права“, рече тој.