Cansu Dikme
26 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
АНКАРА (АА) - Во документот издаден вчера по Меѓународната конференција за Сирија се пофалува Турција за неспоредливата великодушност во нејзината поддршка за сириските бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Во документот насловен како „Помошта за сириските бегалци во Турција“ издаден по втората Конференција во Брисел на тема „Поддршка на иднината за Сирија и регионот“ се вели дека Турција станала дом на најголемата популација бегалци во светот, а исто така, беше пофалена водечката улога на Турција во најдобрите светски практики.
„Од почетокот на кризата, Владата и народот на Турција ја покажаа својата неспоредлива великодушност во поддршката на бегалците и нивно интегрирање во националните сервиси, вклучувајќи здравство, едукација, вработување и други општински и социјални услуги“, се вели во документот.
„Турција, исто така, беше водечка и во најдобрите светски практики и во договорените принципи, вклучително и во Новиот начин на работа и Сеопфатната рамка за одговор на бегалци (CRRF), уште додека не беше официјална земја на CRRF“, пишува во документот.
Во документот, исто така, се нагласува и потребата за споделување на одговорноста на Турција и товарот со вдомување и интегрирање на бегалците во нивните системи и услуги.
Брисел беше домаќин на Меѓународната конференција за Сирија организирана од Обединетите нации и Европската Унија во период од 24 до 25 април.
„Конференцијата вети 4,4 милијарди американски долари за сириските бегалци“, рече Христос Стилианидис, европскиот комесар за хуманитарна помош и управување со кризи.
Стилианидис рече дека приоритет број еден на состанокот бил политичкото решение за поддршка на преговорите предводени од ОН во Женева и транзицијата кон мирна, демократска и стабилна Сирија.
На Конференцијата присуствуваа претставници од 85 земји и невладини организации.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.