Zeynep Tüfekçi
06 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
БАГДАД (АА) - Фатих Јилдиз, амбасадорот на Турција во Ирак, информираше дека пуштањето во функција на браната „Илису“ на 1 јуни, нема да биде причина за прекин на водоснабдувањето во Ирак, додавајќи дека регионот ќе продолжи да добива вода, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот Јилдиз во Амбасадата на Турција во Багдад, главниот град на Ирак, организираше прес-конференција, информирајќи дека Турција отсекогаш се грижела за заштита на водите и додаде дека прашањето за водата е доведено до стадиум на заедничка соработка меѓу Анкара и Багдад.
Информирајќи дека со ирачката страна изминатиот месец се договориле околу задржувањето на водата од браната „Илису“ во период 1 јуни - 1 ноември, амбасадорот Јилдиз посочи дека постојат одредени детали околу браната „Илису“ кои се игнорираат во јавноста.
Амбасадорот Јилдиз го изјави следното:
„Кога се вели дека започнува акумулација на водата во браната „Илису“, тоа не значи дека водата ќе биде целосно прекината. Во договорот од 15 мај истовремено е регулиран и протокот на водата. Затоа велиме дека водата не се прекинува, таа продолжува да тече. Значителен дел од водата и сега по коритото продолжува да тече кон Ирак.“
- „Не правиме еднострани, туку заеднички чекори“ -
Амбасадорот Јилдиз на прес-конференцијата информираше дека Турција нема да преземе ниту еден чекор поврзан со браната „Илису“, без претходно да се консултира со своите соседи и додаде дека преземените чекори секогаш се заеднички, а не еднострани.
Турскиот амбсадор во Ирак потсети дека по посетата на премиерот на Ирак, Хајдар ал Абади на Турција во 2017 година, браната „Илису“ била завршена и подготвена за акумулација. Амбасадорот рече дека процесот на акумулација на браните најчесто се прави во периодот пролет - есен, истакнувајќи дека и покрај потребите што ги има Турција, на барање на Ирак, турската Влада ја одложила акумулацијата за овој период.
Амбасадорот Фатих Јилдиз рече дека браната „Илису“ нема да служи за наводнување, туку дека таа е електроцентрала и акумулираната вода ќе се користи за производство на електрична енергија.
- Падот на протокот на Тигар се должи на сушата -
Амбасадорот Јилдиз ги негираше вестите дека полнењето на браната ќе трае 5 години, информирајќи дека акумулацијата на браната ќе биде завршена за една година. Јилдиз рече дека кога нивото на водата ќе го достигне потребното ниво за работа на турбините, хидроцентралата ќе започне со производство на електрична енергија.
За падот на нивото на реката Тигар, амбасадорот Јилдиз истакна дека тоа не е нова ситуација, туку дека тоа се должи на големата суша од минатата година и додаде:
„Воопшто не е основано поврзувањето на падот на нивото на реката Тигар со акумулацијата на браната „Илису“ кое започна во петокот. Трендот на ниско ниво на реката кој постои оваа година, не е фер директно да се поврзува со браната.“