Bahtiyar Abdülkerimov
28 Март 2022•Ажурирај: 29 Март 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, истакна дека неговата земја е подготвена да го измени Уставот во однос на статусот на неутралност, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Украинскиот претседател Зеленски во изјава за руските медиуми говореше во врска со оваа тема.
„Ние сме подготвени да разговараме по прашањата како што се гаранција за безбедноста, неутралност, статус на земја без нуклеарно оружје. Ова беше првата (барана) принципиелна точка на Русија. Како што се сеќавам затоа почна војната“, рече Зеленски.
Наведувајќи дека се разговара за безбедносната гаранција на Украина, Зеленски рече не сака тоа да биде само парче хартија како Меморандумот од Будимпешта.
„Затоа, ние сме за овој документ да се претвори во сериозен договор што треба да го потпишат сите гаранти. Овој документ треба да биде одобрен од парламентите на земјите гаранти и за тој документ треба да се одржи референдум во Украина“, нагласи тој.
Зеленски посочи дека референдумот ќе овозможи за неколку месеци да се направат промени за неутралност во Уставот, и дека само народот може да одлучува за такви промени во однос на статусот и безбедносните гаранции.
- „Треба да се договориме директно со Путин“ -
Зеленски рече дека земјите гаранти нема да се договорат доколку руската Армија е во земјата.
Според него, можно е војната да заврши што е можно поскоро, но дека рускиот претседател Владимир Путин и луѓето во неговиот круг ја продолжуваат.
„Затоа мораме директно да се договориме со Путин. За да постигнеме договор, треба да ги повлече своите војници од Украина и да дојде да се сретне со мене“, додаде украинскиот претседател Зеленски.