Talha Yavuz
05 Јануари 2022•Ажурирај: 06 Јануари 2022
КИЕВ
Комисијата Украина - НАТО ќе се состане на 10 јануари во Брисел за да разговара за „агресивниот однос на Русија“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, во изјавата на својот профил на Твитер наведе дека одлука за Украина нема да се донесе без Украина.
Најавувајќи дека на 10 јануари ќе отпатува за Брисел заради состанокот на Комисијата НАТО - Украина, Кулеба рече дека средбата ќе биде дел од широките дипломатски напори за спречување на понатамошна „руска агресија“.
По руското воено натрупување на границата со Украина во последните месеци, тензиите меѓу Западот и Москва се зголемија, а беа упатени и повици за намалување на тензиите.
Белата куќа соопшти дека безбедносните преговори меѓу САД и Русија за Украина ќе започнат на 10 јануари, а генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најави дека состанокот на Советот НАТО - Русија ќе се одржи на 12 јануари.
Меѓу другото, наведено е дека и министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе се сретнат на вонреден состанок в петок, на 7 јануари, и ќе разговараат за случувањата во врска со воените активности на Русија на границата со Украина.