Burç Eruygur
25 Март 2024•Ажурирај: 26 Март 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 18 лица се повредени во главниот град на Украина, Киев, и во градот Миколаев во руските воздушни напади во текот на ноќта, соопштија официјални претставници, јавува Анадолу.
„Седуммина се повредени во областа Печерск. Двајца се хоспитализирани. На останатите им е укажана лекарска помош на самото место. Спасувачите продолжуваат да ги расчистуваат урнатините“, наведе градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм.
Претходно, украинскиот оператор на електричната мрежа „Укренерго“ соопшти дека итно ја исклучил струјата во југозападниот регион Одеса откако две трафостаници биле нападнати од руски дронови во текот на ноќта.
„Поради оштетување на опремата во Одеса и регионот на Одеса, електростопанство беше принудено да ги продолжи периодите на ограничувања на потрошувачката“, наведе операторот.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека осум од девет дронови лансирани од Русија од полуостровот Крим, кој Москва нелегитимно го анектираше во 2014 година, биле соборени над регионите Одеса и Миколаев.
Никола Олешчук, командантот на Украинското воено воздухопловство, подоцна наведе и дека противвоздушната одбрана соборила два балистички проектила, исто така, лансирани од Крим.
Во меѓувреме, гувернерот на Миколаев, Виталиј Ким, изјави дека 11 лица се повредени откако дрон паднал и предизвикал пожар во станбена зграда во административниот центар на регионот.