Davit Kachkachishvili
13 Март 2022•Ажурирај: 14 Март 2022
КИЕВ (АА) - Во рускиот напад на градот Лавов во западна Украина животот го загубија најмалку 35 лица, соопштија локални извори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Максим Козицки, гувернерот на Лавов, соопшти дека руските сили исфрлиле повеќе од 30 крстосувачки ракети на подрачјето на Воениот полигон „Јаворив“, што се наоѓа на околу 30 километри северозападно од Лавов и на 35 километри од границата на Украина со Полска. Козицки наведе дека во нападот се повредени 134 лица.
На Воениот полигон „Јаворив“ се наоѓаше Меѓународниот центар за одржување на мирот и безбедноста што САД и НАТО го користеа за обука на украинската Војска.
„Во одвоен инцидент, во вториот руски ракетен напад во јужната покраина Николајев убиени се 9 лица“, рече гувернерот Витали Ким.
Саид Исмагилов, муфтијата на муслиманската заедница во Украина, се приклучи во редовите на украинската Војска. Тој сподели фотографии во украинска воена униформа со војници од силите на територијалната одбрана на Киев.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), во Украина се убиени најмалку 564 цивили, а 982 се повредени од почетокот на војната од 24 февруари.
Агенцијата за бегалци на ОН објави дека над 2,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина и избегале во соседните земји, а околу 2 милиони се раселени во Украина.