Burç Eruygur,Elena Teslova
20 Декември 2024•Ажурирај: 20 Декември 2024
МОСКВА / ИСТАНБУЛ (АА) - Украина денес соопшти дека најмалку едно лице е убиено, а девет се повредени во утринскиот руски ракетен напад врз главниот град Киев, јавува Анадолу.
„Деветмина беа повредени во непријателски напад врз главниот град. Четворица од нив се хоспитализирани. Пронајдено е телото на еден убиен“, рече градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во изјавата за Телеграм.
Серхи Попко, началник на градската воена управа на Киев, на Телеграм рече дека нападот се случил околу 7 часот по локално време (05:00 GMT), додавајќи дека Русија „најверојатно користела балистички ракети“.
Тој рече дека паѓање на остатоци од проектилите е забележано во пет области, а на најмалку две деловни згради во областа Холосивски е предизвикано оштетувања, при што покривот на едната се запалил.
Попко рече дека од паѓањето на остатоците, исто така, настанал пожар во објект во областите Соломијански и Шевченковски.
Тој рече дека дури во 630 станбени згради, 16 медицински установи, 17 училишта и 13 градинки во Киев нема греење.
Подоцна воздухопловните сили на Украина тврдеа дека нивната противвоздушна одбрана соборила пет ракети „Искандер-М“ лансирани кон главниот град.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека извршило групен напад врз Киев како одговор на украинскиот ракетен напад врз регионот Ростов ноќта меѓу средата и четвртокот.
Се тврди дека нападот успешно бил насочен кон командното место на Службата за безбедност на Украина (СБУ), Бирото за дизајн „Луч“ и позицијата на ракетниот систем „Патриот“.
Украинските власти сѐ уште не ги коментираа овие тврдења.