Mehmet Yılmaz
02 Јули 2021•Ажурирај: 05 Јули 2021
БУДИМПЕШТА
Унгарскиот премиер Виктор Орбан го нарече „колонијалист“ холандскиот премиер Марк Руте, кој го критикуваше законодавството во Унгарија кое донесе законска регулатива со која се забранува „промовирање“ на хомосексуалноста и промена на полот на лица под 18 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Орбан, во своето неделно обраќање на унгарското државно радио „Косут“ (Kossuth), рече дека на минатонеделниот Самитот на лидерите на Европската Унија (ЕУ) бил подложен на многу сериозни напади поради законот усвоен во Унгарија и додаде дека на сите им ги дал неопходните одговори.
Обвинувајќи го Руте дека се однесува како колонијалист во својата изјава во која вели дека Унгарија треба да ја напушти ЕУ поради донесениот закон, Орбан продолжи со зборовите:
„Марк Руте смета дека е морално повисок од Унгарците. Затоа мисли дека има право да го искаже своето мислење за тоа како Унгарците треба да живеат, размислуваат и да ги воспитуваат своите деца.“
Наведувајќи дека невладините организации во западноевропските земји можат да промовираат поинаков начин на заедничко живеење од традиционалниот семеен модел во училиштата, Орбан рече дека другиот дел од Европа, вклучително и неговата земја, се против таквиот пристап.
Руте, во изјавата дадена на 24 јуни рече дека законот ја меша хомосексуалноста со педофилијата и дека Унгарија треба да го повлече законот, во спротивно треба да ја напушти ЕУ.
- Претседателот на Комисијата на ЕУ и 13 земји на ЕУ го осудија законот
Во заедничката Декларација потпишана од Белгија, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Ирска, Литванија, Луксембург, Холандија, Шпанија, Шведска и Летонија се критикува законот усвоен во Унгарија на 22 јуни.
Во Декларацијата, во која се тврди дека законот усвоен во Унгарија за заштита на децата ги дискриминира хомосексуалците и ја нарушува слободата на мислење, се додава дека прифаќањето разлики се основните вредности на ЕУ и дека не може да се загрозат.
Урсула фон дер Лајен, претседателката на Комисијата на ЕУ, остро реагира на законот, при што рече: „Овој унгарски закон е срамен. Тој не само што прави дискриминација врз основа на сексуалната ориентација, туку ги крши и основните вредности на ЕУ. Нема компромис на оваа тема.“
- Содржина на законот
Во Унгарија, според законот донесен на 15 јуни, во училиштата е забрането прикажување на каква било содржина што „промовира“ хомосексуалност и промена на полот на лица под 18 години.
Според законот, телевизиските канали ќе можат да препорачуваат гледање филмови и програми со ваква содржина за лица над 18 години.