Beyza Binnur Dönmez
04 Јули 2023•Ажурирај: 12 Јули 2023
ЖЕНЕВА (АА) - Агенцијата на Обединетите нации за бегалци денеска објави дека долго време е вознемирена од сѐ почестото грчко истуркување на мигрантите, јавува Анадолу.
„Свесни сме за неодамнешните извештаи на Турската крајбрежна стража. Во однос на потиснувањата воопшто, и на копнените и на поморските граници, долго време алармиравме за зачестеноста на протерувањата и одбивањата на бегалците и барателите на азил на европските копнени и морски граници и ги повикуваме државите да ја истражат и прекинат оваа практика“, изјави за Анадолу портпаролката на УНХЦР, Шабија Манту.
Нејзините изјави уследија по викендот за време на кој Грција потисна десетици мигранти кон турските територијални води.
„Државите мора да ги почитуваат своите обврски и да ги почитуваат основните човекови права, вклучително и правото на живот и правото да се бара азил“, рече таа.
Во неделата, грчките поморски сили потиснаа 84 нерегуларни мигранти кон турските територијални води во близина на Ајваџик, во западната област Чанаккале. Акцијата за нивно спасување ја спроведе командата на северноегејската група на Турската крајбрежна стража.
Туркије и глобалните групи за човекови права повеќе пати ја осудуваа нелегалната практика на Грција за потиснување на барателите на азил, велејќи дека тоа ги крши хуманитарните вредности и меѓународното право со загрозување на животите на ранливите мигранти, вклучително и жените и децата.
На прашањето за потиснувањето по смртоносниот бродолом на 14 јуни кај Пелепонез, во југозападна Грција, во кој загинаа најмалку 82 мигранти, а се стравува дека уште стотици се удавиле, Манту рече: „Многу сме загрижени од извештаите и сведочењата што се појавија по овој трагичен инцидент.“
Таа ја поздрави истрагата за инцидентот, велејќи дека таа мора да биде непристрасна и независна за да се утврдат околностите што довеле до превртување на бродот и трагичното губење на животите.
„Ова бара истрагата да се фокусира на сите аспекти на инцидентот и да се идентификуваат сите потенцијални одговорности, и треба да им се пружи прилика на сите погодени поединци да бидат сослушани во контекст на истрагата и да им се обезбеди заштита“, додаде таа.