Darren Christopher Lyn
29 Септември 2022•Ажурирај: 29 Септември 2022
ХЈУСТОН (АА) ‒ Ураганот Ијан го зафати брегот на Заливот на Флорида со ветрови со брзина од 241 километар на час, оставајќи зад себе поплави и девастација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ијан се спушти кај островот Кајо Коста вчера попладне како моќен ураган од четврта категорија, но иако силината му се намали на бура од трета категорија, тој сè уште е силен со ветрови со континуирана брзина од 185 км/ч.
Националниот центар за урагани предупреди на опасна по живот бура, која ги поплави крајбрежните региони, а силните ветрови оштетија повеќе објекти.
Пријавени се околу 1,9 милиони прекини на електрична енергија за време на почетните фази на ураганот, а се очекува да предизвика хаос и движејќи се североисточно.
Се прогнозира дека бурата ќе се движи низ централна Флорида, а Националниот центар за урагани предвидува повеќе катастрофални штети кои ќе бидат предизвикани од ветрот и поројните дождови.
„Состојбата со опасни по живот катастрофални бранови и поплави во урбаните делови, со голема до рекордна поплавеност долж реките се очекува да продолжи низ централна Флорида“, соопшти Центарот.
Во Орландо беше издадено предупредување за ураган и веќе од синоќа го зафатија силни ветрови и дожд, а жестокоста на Ијан се очекува да го погоди в четврток наутро.
„Ги замоливме сите наши жители да го започнат процесот на засолнување“, рече градоначалникот на округот Оринџ, Џери Демингс, на прес-конференција.
Метеоролозите предвидуваат 25 до 40 сантиметри врнежи во подрачјето на Орландо со опасност од значителни и катастрофални поплави.
„Нема сомневање дека сега ги чувствуваме ефектите од овој ураган, а најлошото од него сè уште не сме го виделе“, рече Демингс.
Откако Ијан ќе помине низ Флорида, следни на неговата патека се државите на брегот на Атлантикот.
Северна Каролина и Вирџинија веќе прогласија вонредна состојба во очекување на штети од невремето, обилни дождови, поплави и можни торнада.