Ekipa
10 Април 2016•Ажурирај: 11 Април 2016
ЗАБОАНГА СИТИ (АА) - Најмалку 18 војници загинаа, а 53 се повредени во десетчасовните вооружени судири кои се водеа во јужниот дел на Филипините од страна на припадниците на филипинската армија против милитантите на Абу Сајаф, терористичка организација поврзана со ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на филипинската армија Филемон Тан, соопшти дека судирите биле водени во областа Бангуиндан на островот Басилан, и дека притоа убиени се петмина милитанти.
Меѓу загинатите милитанти се и инструкторот за правење бомби и експлозиви Мароканецот Мохамед Хатаб и синот на лидерот Абу Сајаф, Иснилон Хапилон, за чие убиство или лишување од слобода беше распишана награда во износ од пет милиони долари.
Истакнувајќи дека анти-терористичките операции и понатаму траат, Тан рече дека досега се повредени најмалку 20 терористи, меѓу кои и озлогласениот Раџмил Џанатул, познат и по прекарот "Кубајб".
Судирите на кризниот јужен филипински остров започнаа во текот на ноќта од петокот кон саботата, а локалните извори јавуваат дека во близина на судирите илјада семејства ги напуштија своите домови.
Милитантната група на Абу Сајаф на Филипините делува уште од 1991 година. Станува збор за радикална група која се бори за независност на муслиманските провинции на Филипините, а досега има извршено стотици бомбашки напади, киднапирања и атентати.