Necva Taştan Sevinç
17 Септември 2025•Ажурирај: 17 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Франција се подготвува за национален штрајк во четврток, а властите планираат да распоредат десетици илјади безбедносни сили поради стравувањето од големи нарушувања и можни немири, соопшти денес министерот за внатрешни работи во заминување, Бруно Ретајо, јавува Анадолу.
Тој изјави дека очекува „многу, многу силна“ мобилизација во повеќе сектори, меѓу кои јавните служби, образованието, транспортот, земјоделството, индустријата и забавната индустрија.
„Целосно разбирам дека моите сограѓани осиромашиле бидејќи и Франција осиромаши“, изјави Ретајо за БФМТВ-РМЦ, додавајќи дека неговата улога е да обезбеди протестите да се одржат мирно.
Министерството за внатрешни работи ќе распореди повеќе од 80.000 полицајци и жандарми низ целата земја, како и оклопни возила, дронови и водени топови.
Ретајо предупреди дека властите ќе реагираат веднаш на немири:
„Кога има блокади, ги деблокираме; веднаш штом има штета врз имот или луѓе, брзо реагираме, мобилни сме за апсење и изнесување пред правдата“, изјави тој.
Во потег што не е виден откако беа протестите на „Жолтите елеци“, низ земјата ќе бидат распоредени 24 оклопни возила „Centaure“, заедно со десетина водени топови.
Министерот, исто така, изрази загриженост поради учеството на малолетници на протестите, повикувајќи ги родителите на одговорност. „Кога гледаме тинејџери вклучени во насилства, тоа не е нивно место“, рече тој.
Тој предупреди и на ризикот од екстремистички групи: „Ќе има илјадници, веројатно меѓу 5.000, 8.000 или 10.000 лица што ќе дојдат да се борат, да предизвикуваат штета, мотивирани од омраза кон полицијата“, нагласи Ретајо.
Се очекува штрајкот да предизвика сериозни нарушувања низ целата земја. Според синдикатот Снуипп-ФСУ, секој трет наставник во основно образование ќе стапи во штрајк, а високо учество се очекува и во средните училишта.
Планирани се околу 40 синдикални маршеви низ Франција, а првичните процени покажуваат дека ќе учествуваат до 800.000 демонстранти.
Акцијата на 18 септември следува по мобилизацијата „Блокирај сè“ од минатата недела, на која учествуваа речиси 197.000 луѓе на национално ниво.