İlayda Çakırtekin
07 Мај 2025•Ажурирај: 13 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Европската Унија (ЕУ) ќе се стреми кон постепено укинување на санкциите за Сирија, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на денешната заедничка прес-конференција со сирискиот колега Ахмед ал-Шара, кој престојува во Париз во прва посета на европска земја откако ја презеде функцијата, јавува Анадолу.
„Му реков на претседателот дека ако тој продолжи по својот пат, ние ќе продолжиме по нашиот: прво, со постепено укинување на европските економски санкции“, рече Макрон.
Тој истакна дека понатаму тие ќе започнат „процес на убедување“ на САД, така што ќе се вклучат по ист пат, а исто така ќе соработуваат со УНХЦР и нивните партнери, со цел да се воспостави регионална рамка што ќе ѝ овозможи на Сирија „да ги види своите таленти и витални сили како се враќаат во неа“.
„За да се реализира ова, ќе биде потребно да се обезбедат гаранции за правилно користење на меѓународните фондови. Франција ќе обезбеди приоритетите што ги смета за неопходни да се земат предвид во оваа рамка бидејќи, како што реков, стабилноста и единството на Сирија, исто така, се неопходни за стабилноста на Блискиот Исток“, нагласи Макрон.
Тој потврди дека ќе се залага санкциите, воведени за време на поранешниот режим на Асад, „да не бидат обновени“ и активно ќе работи со одредени земји членки што сè уште имаат „двоумење“.
„Верувам дека наша одговорност е постепено да ги укинеме овие санкции, да го поддржиме ова движење и наредните месеци да дадеме можност за придвижување напред“, додаде францускиот претседател.
Макрон, исто така, неодамнешните израелски напади врз Сирија ги нарече „лоша практика“, нагласувајќи дека ваквите потези нема да осигурат безбедност на долг рок.
„Не верувам дека некој ја осигурува безбедноста на својата земја со кршење на територијалниот интегритет на своите соседи“, рече тој.