Sinan Doğan
17 Јули 2022•Ажурирај: 18 Јули 2022
БОГОТА (АА) - Во карипската држава Хаити, од почетокот на 2022 година досега се убиени над 930 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според наводите на регионалните медиуми, Обединетите нации (ОН) регистрирале 934 убиства, 684 ранувања и 680 киднапирања во период од јануари до јуни.
Портпаролот на високиот комесар на ОН за човекови права, Џереми Лоренс, изјави дека ова се најновите информации од Хаити.
„Поголемиот дел од жртвите се поврзани со банди. На нишан се членови на банди, а добивавме и пријави за сексуално насилство“, рече Лоренс.
Тој изрази посебна загриженост за животите на цивилите поради судирите во земјата.
„Загрижени сме поради ескалацијата на насилството и кршењето на човековите права што над локалното население го извршија вооружени банди“, рече Лоренс.
Тој посочи дека на Хаити загинале 234 лица од 8 до 12 јули во судирите меѓу бандите што сѐ уште траат.
Од ОН наведуваат дека судирите се интензивирани во квартот Сит Солеј, во престолнината Порт-о-Пренс.
Тековниот бран на насилство во регионот започна еден ден по годишнината од убиството на 53-годишниот претседател на Хаити, Жовенел Моиз, од страна на вооружени лица на 7 јули 2021 година.
По убиството на Моиз, бандите се борат за воспоставување контрола врз териториите во земјата.
Хаити е држава во западната третина на островот Хиспаниола во Карипското Море, источно од Куба. На исток се граничи со Доминиканската Република. Хаити е земја со популација од околу 11,4 милиони жители.